Духовден е роденден на првата Црква, не е ден за на гробишта!

Duhovden

Прекрасниот празник Духовден, Пентекост или Педесетница не е ден за да одите на гробишта и во спомен или „за душа“ на покојните, ниту ден на духови. Духовден не е ден за “гозба” врз гробот на покојните туку ден, роденден на првата Црква.

Ова е ден за живите, а не за мртвите! Ова е денот на „Духовно оживување“ на Христијаните и ден кога го славиме Роденденот на Христовата Црква.

„Духовден е еден од најрадосните и најсветли празници во Христијанството, во кој се слави исполнувањето на Божјото ветување со слегување на Светиот Дух врз апостолите, на педесеттиот ден од Христовото Воскресение. На таков начин и преку Светиот Дух, човештвото е засекогаш во Божјото присуство и со Неговото примање, верникот започнува процес на осветување и подготовка за живот со Бога.

Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва и ветувањата кои Господ Исус Христос им ги даде на своите ученици, како и ден на темел на Новозаветната црква која Бог ја оформи, ја исполни и почна да ја движи.

Исус им вдахна од Својот Дух на учениците и тие Го примија Светиот Дух, што значи станаа новородени, го примија дарот – спасение за Вечниот живот. 

Првиот дар е спасението и вечниот живот, кога го примаш Исус за Свој Господ и Спасител, и со овој дар ти си нановороден преку вода и дух и влегуваш во Царството Небесно. Тогаш Светиот Дух доаѓа и влегува во нашиот човечки дух, кој се наоѓа во утробата, и е исполнет – крстен со Неговото присуство во моментот кога го примаме спасението, и овој дар дава вечен живот.

Светиот Дух го оживува Духот во нас и дава духовни дарби и во денешно време на верниците. Во Стариот Завет тој доаѓал во одредено време, на одредено место, кај одредени луѓе. Најчесто во Храмот позади олтарот. Светиот Дух со доаѓањето на Исус што е Христос и исполнувањето на ветеното и плаќањето еднаш за секогаш на гревот, како и после воскреснувањето на Исус од мртвите и вознесувањето на небесата е излеан за сите што поверуваат и го примат Исус Христос за свој Господ и Спасител. 

Светиот Дух најнапред се спуштил врз верниците за време на Првиот Пентекост, заради потребата да се рашири Христовото Евангелие низ светот за верните исполнети со сила од Бог да ја шират Радосната Вест. Тоа е тој битен момент со кој почнува ширењето на Христијанството. 

Светиот Дух е Единствениот Бог – Светото Тројство – Отецот, Синот и Светиот Дух. Светиот Дух е Жив Бог, Кој и денес ги дава истите духовни дарби, кои што ги имале и првите Христови апостоли! Духовните дарови, кои сме ги добиле од моментот, кога сме се крстиле во Светиот Дух.

Апостолите веќе Го имаа присуството на Светиот Дух кога Исус им дувна и тогаш беа новородени, оживеани во духот, но крштевањето во Светиот Дух како искуство дотогаш се уште не им беше просведочено, бидејќи Исус се уште не беше прославен. Но, откако Исус воскресна и се вознесе во Небесата и седна оддесно од Отецот, се спушти Светиот Дух, и тогаш се исполни ветувањето на Отецот Небесен –крштевање во Светиот Дух, а тоа се случи на Педесетница (Духовден).

“А кога дојде денот на Педесетница, сите беа заедно на исто место. И одненадеж стана шум од небото, како кога дува силен ветер и ја исполни целата куќа, во која седеа. И им се јавија јазици како од оган, кои се разделија и над секого од нив застана по еден. И тие сите се наполнија со Светиот Дух, и почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да говорат.” Дела Ап. 2:1-4

Крштавање во Светиот Дух првпат се случи на денот Духовден како натприродна појава која се изрази на тоа место во градот, во куќата каде што сите Христијани беа собрани. На Педесетница во Ерусалим се спушти Светиот Дух и се разделија пламени јазици како од оган и учениците беа исполнети со Свети Дух, та говореа на различни, непознати јазици.”

Ова значи дека исполнувањето со Светиот Дух е облекување со сила. Оваа состојба не значи да си насилен или пак да дејствуваш со своја сила, туку значи дека ќе бидеш облечен, ќе ти биде придадена нова особина во твоето служење. Согледуваме дека исполнувањето со сила од Светиот Дух, значи дека стануваш сведок, кој сведочи за Исус до крајот на Земјата.

Едно и исто крштевање, кое започнува со водното крштевање–спасение и оживување на нашиот дух или почеток кон нов живот во Христа, се довршува со крштевањето на Светиот Дух, кое е дар од Бога и кое значи постојано присуство и водство од Светиот Дух, односно момент кога нашата душа е исполнета со Светиот Дух.

Ова се случи со Апостолите на денот на Педесетница. (Книга на пророкот Јоил 2:28, 29 и Дела на Апостолите 2:17-18)

Кога си исполнет со Светиот Дух и Неговата сила е во тебе, тоа значи да добиеш доказ дека Господ Исус Христос е воскреснат и седнат оддесно на престолот на Таткото Небесен.

Штом Го запознаеш Исус и веруваш во Него, во срцето си трогнат и допрен од Неговата љубов, зошто знаеш дека те љуби. Тој го даде својот живот за да те спаси од вечна смрт, и тоа никој не го направи за тебе освен Бог, но оваа љубов доаѓа преку Светиот Дух во твоето срце. Тоа значи дека Божјата љубов е излеана во нашите срца преку Светиот Дух, па така во новородениот Христијанин (оној, кој го следи Исус), Бог престојува во неговото срце преку Светиот Дух.”

„А надежта пак не разочарува, зашто Божјата љубов е излеана во нашите срца преку Светиот Дух, Кој ни е даден.“ (Римјаните 5:5)

Од тука согледуваме дека Господ не’ повикува на осветување, кое доаѓа преку Светиот Дух, но дека осветувањето е начин на живот, наша постојана цел и стремеж. Осветувањето е животен процес, кога сме водени од Светиот Дух, и светоста не значи само оделување од гревовното, туку и да се биде одделен за Божји цели. Осветувањето значи да се живее во Христос, во покорност и послушност, и заедништво со Христос, како одлика на светост.“

Многу убаво објаснето, нели?

Па така, пријатели сега можеби ви станува појасно дека Светиот Дух е неопходен во животот на секој Христијанин, бидејќи доколку не сме крстени во Светиот Дух, – ние всушност и не можеме да влеземе во Небесното Царство! (Евангелие по Јован 3:5)

А доколку и по ова убаво објаснување, се уште цврсто стоите на гледиштето дека Светиот Дух не е Бог, или дека се симнал од Небото само за време на Првиот Духовден – па си заминал, тогаш подобро е да се преиспитате, бидејќи можеби:

Cте направиле хула кон Бог Светиот Дух, а со тоа и смртен грев, кој не се простува. (Матеj 12:31-32)

или

2) Bашите очи се заслепени од сатаната, кој сака луѓето да се само религиозни, да почитуваат традиции, правила и обреди, но не и да живеат „живо Христијанство“ т.е. да се водени од Бог. (2 Коринќаните 4:3-4)

Бог со вас!