Споделување на Радосната Вест

Да тргнеме од почеток: ти беше загубен, живееше како роб на гревот, во заблуда, без да ја познаваш вистината. Твојот живот беше празен и безсмислен, а твојата душа осудена на вечна пропаст. Сепак, Бог ти беше милостив и ти ги отвори очите и срцето, за да ја спознаеш вистината. Просветлен преку Словото Божјо и Светиот Дух, ти ја препозна грешноста во себе и увиде дека си очаен без Бог. Одлучи да се покаеш и да го прифатиш Исус, за твој Господ и Спасител. Сега си христијанин. Гревовите ти се простени, твојот живот е променет. Исполнет си со мир и радост.

Прашањето е: Дали за ова треба да им кажам на другите? Зар не е тоа лична и приватна работа? Зошто да им кажеме на другите, за нашата вера во Исус и за нашиот променет живот. Подолу се наведени три добри причини:

Споделувањето на Евангелието е заповед од самиот Господ Исус.

Големата заповед на Господ Исус Христос гласи: Одете по целиот свет и проповедајте ја Радосната Вест (Евангелието) на сите луѓе – Марко 15:15.

Замислете еден цар да одлучи да го прости долгот на сите свои поданици. Тој ги повикува своите гласници и им дава заповед да отидат и да ја разнесат веста по целото царство. Секој што ќе побара од царот, ќе добие документ за опростен долг. Од гласниците ќе се очекува да бидат послушни и да ја пренесат радосната вест до поданиците.

И ние сме како гласници на цар, кои ја пренесуваат пораката до светот, а пораката гласи: во Неговото име ќе се проповеда пораката за покајание и простување на гревовите меѓу сите народи. (Лука 24:47)

2. Треба да ја кажеме Радосната Вест, за да се спасат и другите.

Можеме да употребиме едноставна логика: ако не треба да се зборува за верата во Исус Христос, тогаш како ти ќе дознаеше за Спасителот и како ќе беше спасен од гревот? Дури и да е преку твоите родители, тоа значи дека некој и на нив им кажал, за да може тие да ти кажат тебе, а пак ри да кажеш на другите.

Замисли апостолите на Исус да не ја споделеја Радосната Вест со светот. Зар тоа што го видоа би можеле да го сочуваат?! 

Ако во пустина се наоѓаат група луѓе и сите умираат од жед, а ти си открил извор на свежа вода, зар не треба да кажеш? Нема ли да биде себично и сурово, ако си молчиш?  Дали не би сакал да се спасат и луѓето што ги сакаш?

Ако верата во Христа носи спасение и прошка на гревовите и нов, променет живот, ако носи радост и мир, наша одговорност е да им кажеме и на другите, за да може и тие да се помират со Бог, преку Исус Христос и за ги вкусат благословите што Бог ги има за нив.

3. Радосната Вест не се задржува.

Некои луѓе се правдаат со следниве зборови: Добро, јас сум христијанин, но што мора другите да знаат? Мора ли да зборувам за Христос? Но понекогаш не се работи за тоа дали мора? Ако тоа е радосна вест, зар нема самиот да сакаш да ја споделиш?

Кога ќе ни се роди бебе, сакаме на сите да им кажеме, не прашуваме дали мора ниту пак некој не пронудува да ја споделиме веста. Исто така, ако сме задоволни од некој производ, сами го препорачуваме на другите, без некој да ни плаќа за тоа.

Ако животот со Исус Христос е толку добар, зошто тоа да не го споделиш со другите? Ако ти самиот си благословен, знаејќи дека гревовите ти се простени и имаш вечен живот, зар нема да ја споделиш Радосната Вест?!

Таква радноса вест не може да се задржи во себе. Така треба и ти да постапиш. Следи го повикот од Исус. Нека и другите слушнат за Воскресението и Животот во Исус. За најдобриот Божји план. Нека Божјата љубов протече и преку тебе за да бидеш и ти уште повеќе опкружен со таа љубов. Споделувањето на Радосната вест е инвестиција во вечноста. Заедно со сите што ќе го отворат своето срце за Исус ќе ја минеме вечноста и ќе бидеме во совршената љубов во прегратките на Бог. Амин.