Завесата во храмот се распара, патот до Светиот Бог е отворен. Се се исполни.

“Исус уште еднаш извика со силен глас и умре. Во тој миг, завесата на храмот се расцепи на два дела озгора додолу…”(Матеј 27: 50-51а).

После Петок – ден на распнувањето, следи Сабота, па Недела – ден на Воскреснувањето. Велиден, нашиот најубав празник и доказ на основаноста на нашата вера отвора и една малку подлабока тема; да го разгледаме моментот кога при смртта на Господ Исус Христос, Храмската завеса се скинала, распарувајќи се од горе до долу.

Сте се запрашале ли некогаш, за значењето на тој чин? Дали тоа било само една од последиците од големиот земјотрес, кој тогаш исто така се случил или тука станува збор за нешто многу подлабоко?

Оваа статија е обид да ги разјасни тие прашања.

Чудата што се случија со распнувањето на Исус Христос.

Како да го разбереме ова? Какво значење има таа скината завеса за нас денес?

  • Светињата над Светињите – било тоа посебно место на Божјето присуство во Храмот, во кое единствено високиот првосвештеник имал пристап, еднаш во годината, за да принесе жртва за својот и за гревовите на целиот народ. Ова означувало дека човекот во тоа време бил одделен од Бога заради гревот (Исаија 59: 1-2).
  • Скинататa завеса означи дека сега патот до Светињата на Светињите бил отворен за сите луѓе, за сите времиња, како за Евреи, така и за неевреи. Кога Исус умрел, завесата се раскинала и од тој момент натаму Бог се преселил од тоа место, за да никогаш повеќе не живее во храм направен од човечки рацете (Дела 17:24), туку преку излевањето и крштевањето во Светиот Дух се пресели во телата на верниците (1 Коринтјаните 6:15). Бог ја постигна целта со тој храм и со дотогашниот религиозен систем, а храмот и Ерусалим биле “опустошени” (уништени од Римјаните) во 70 година н.е, како што пророкувал Исус во Лука 13:35. Стариот Завет бил во важност сѐ додека постоел и храмот, а од моментот кога Исус со својата откупна жртва на крстот нѝ отвори пат до Бога Отецот, тоа го означи и почетокот на воспоставувањето на Новиот Завет (Евреите 8:13).
  • Во извесна смисла, завесата била симболика и за Самиот Христос, како Единствен Пат до Отецот (Јован 14:6). Сега, Христос е нашиот Врховен Првосвештеник, и како Негови следбеници, кои веруваме во Неговата завршена работа, ние учествуваме во Неговото подобро свештенство. Сега можеме да влеземе во Светињата на Светињите преку Него (Евреите 10: 19-20). И не само тоа, – преку Него, и ние самите сега сме Царско свештенство (1 Петар 2:9).
  • Скинатата завеса е симболика на Исусовото тело, раскршено за нас, за да имаме слободен пристап до Отецот. Оттука, ја согледуваме и важноста на воспоставувањето на причеста, која Исус ја востанови непосредно пред да умре, – како чин на интимност на верникот со Него и ценење на Неговата жртва на крстот, преку земање на леб (Неговото тело) и вино (Неговата крв). (1 Коринтјаните 11:23-25).
  • Сѐ додека постоела, завесата во храмот била постојан потсетник дека гревот е тој што го одвои човештвото од Бога. Фактот што секоја година се давала жртва за грев, како и безброј други жртви што постојано се принесувале јасно укажува дека гревот не можел вистински и засекогаш да се покрие со принесување на животински жртви.

Господ Исус Христос, Совршеното Божјо Жртвено Јагне преку Својата смрт, ги отстрани бариерите меѓу Бога и човекот, и сега можеме да Му пристапиме со доверба и храброст. (Евреите 4: 14-16)

„Еве Го Божјото Јагне Кое го отстранува гревот на светот!“ (Јован 1:29)

Тој е Нашиот Велик Првосвештеник (Евреите 10:21), нашиот Небесен Адвокат Кој се застапува пред Бога за нас (1 Јован 2:1) и Единствениот Посредник меѓу нас луѓето и Бога (1 Тимотеј 2:5).

Затоа пријатели, кога имате потреба од молитва, аплицирајте ја врз себе крвта на Исус Христос и пристапете Му слободно на Бога, за да Му се молите и да Го обожавате во дух и во вистина.

Не ни требаат починати светци како посредници. Самите можеме да Му пристапиме на Бога во Името на Господ Исус Христос, бидејќи Тој ја отстрани преградата и ни го отвори патот до Бог Отецот.

Колку прекрасен и незаслужен подарок добивме!

Затоа, Ти оддаваме Слава Боже, во Името на Господ Исус Христос

Leave a Reply