Исус постоел отсекогаш

Секоја година го славиме денот кога сме родени физички на оваа земја – нашиот роденден. Меѓутоа ние како Божјо создание уште пред да сме создадени во телото на нашите мајки, сме планирани според најдобриот Божји план. Исто така секоја година го прославуваме и раѓањето на Исус – денот кога и Тој физички се родил на оваа земја во Витлеем. И неговото тело било создадено во телото на мајка му, но Исус не почнал таму. Во Евангелието по Јован пишува дека, уште пред да почне времето, Исус живеел. Тој не бил создаден. Тој нема почеток. Тој постоел отсекогаш – зашто Исус е Бог. Со Исусовото раѓање ние секојдневно живееме зашто Исус е роден и живее во нас преку вера.

Јован 1:1-14

Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог. Тоа во почетокот беше во Бога. Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана. Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето. Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати. Имаше еден човек по име Јован, ис­пратен од Бога; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат пре­ку него. Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината. Беше Вистинска Светлина, Ко­ја го осветлува секој човек, што доаѓа­ во светов. Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна. Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји; кои не се родија од крв, ниту по желба на телото, ниту од похот машка, туку од Бога. И Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.

Јован пишува дека Исус е Бог, Словото што стана тело и се всели меѓу нас. Тоа значи дека Исус е Божја порака за тебе, за мене, за сите нас.

Додека живеел на Земјата физички, Исус покажал преку Неговите зборови и дела, како Бог сака да живееш ти, јас, сите ние.

Исус е Создателот. Во Евангелието по Јован 1:3 читаме дека: Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана.

Можеш ли да погледнеш околу себе да наброиш некои нешта што Тој ги создал? Одговорот е едноставен. Без Него ништо не настана, а се стана преку Него.

Да му благодариме на Бог за Исус, за нашиот Создател. Исус немал почеток и Тој ќе нема крај! Амин.