Ако Господ е на нашата страна, никој не може да опстане против нас.

На крајот на VIII век пред нашата ера се подигна голема империја на истокот, а тоа беше Асирија. Асирската империја ги освои териториите на сите околни народи и стана огромно царство. Го освоија и северното царство Израел, освојувајќи ја Самарија, и ги расселија Самарјаните ширум царството, а им доселија луѓе од другите делови на царството.

Асирскиот император Сенахирим конечно сакаше да ја освои и Јудеја, на царот Езекија. Езекија беше добар цар, послушен на Господа и ги уништи сите идоли во Јудеја и Му служеше само на Господа. Но, Асирија сакаше да ја освои Јудеја и Ерусалим и им нудеше на мирен начин да се предадат и да дозволат самите да бидат расселени ширум големата империја, а во Јудеја да бидат доселени други народи, како што беше случај со Самарија и со другите паднати царства. Ако не послушаат, ќе следи ужасен напад врз Ерусалим и маскари врз народот.

Јудеја беше премала и преслаба, за да може да војува против големата Асирија (види ја картата на сликата). Асирскиот император им праќаше пораки на Јудејците преку гласници, да не се лажат дека нивниот Бог, може да ги спаси и да не дозволат царот Езекија да ги излаже со наивни приказни дека Господ можел да ги спаси, бидејќи ниту еден од боговите на ниту еден народ не можел да ги спаси од Асирија.

Царот Езекија посветено се молеше во храмот, Господ да ја спаси Јудеја од Асирија, а доби и охрабрување и совет од пророкот Исаија да истрае и да не попушта пред заканите на Асирија, бидејќи Господ со големо избавување ќе ја спаси Јудеја.

Така и се случи, со големо чудо на избавување, Јудеја опстана неосвоена од Асирија, а Асирскиот цар изгуби огромен дел од војската и беше принуден да се врати во Нинива, кадешто во завера од неговите синови, беше убиен, со што Јудеја куртули од заканите на ова големо царство.

Поуката од оваа славна сторија од Стариот завет (2 Цареви 18-19) е јасна:

Ако Господ е на нашата страна, никој не може да опстане против нас.

За Господ безрезервно да биде на нашата страна, добро е да се угледаме на царот Езекија. Тој беше морален и предаден на Господа, усрден во молитвите и послушен на словото Божјо и упатствата што ги примаше од пророкот Исаија.

Бидете безрезервно послушни на Господа, бидете ревни во молитвите, бидете послушни на Божјото слово, и нема потреба од ништо да се плашите!

Подготви: Пастор Сашо Георгиевски