Бранот на придобивки од Реформацијата на црквата во Македонија

Во 2020, на 31 октомври се навршија точно 503 години од денот кога католичкиот свештеник, Мартин Лутер, го закова своето писмо, со 95 тези, на вратата на црквата во Витенберг, Германија. Тоа произведе една духовна лавина во тогашното опшество.
За жал, Македонија не беше директно опфатена од овој бран на духовна обнова на црквата, но влијанието од начелата на протестантската реформација индиректно стигна и до нас.
Подолу се набројани некои интересни факти на таа тема, кои можеби не сте ги знаеле:

Дали знаете дека првите мисионери дошле во Отоманската империја во 1820 година, кога е основана првата мисиска станица во Цариград?

Дали знаете дека 1838-1839 година на народен јазик биле отпечатени четирите евангелија и делата на апостолите, кои се користеле широко на територијата на Македонија? За споредба, целата Библија на современ македонски јазик за прв пат се отпечати во 1967г. за црковни кругови и во 1990 год. за масовна употреба.

Дали знаете дека 1868 година е формално отворена првата протестантска црква во Банско, од страна на конгрешански мисионери? Пејо Јаворов, човекот кој ја пишува биографијата на Гоце Делчев, за протестантите во тоа време запишал: „Евангелската пропаганда одиграла голема културна улога во тој крај. Во Банско има 4-5.000 жители, од кои голем дел се протестанти. Можам Банско да го наречам и град… протестантите се граѓани и по масовна интелигентност, и по домашниот живот и по надворешното однесување. Меѓу нив нема неписмени, почнувајќи од старите, и вклучувајќи ги и жените. Тие читаат сѐ и во нивните куќи се наоѓаат и по неколку книги …”. Потоа додава „како членови на организацијата, протестантите се одликуваат со ревност и кадарност за работа.”

Дали знаете дека мнозина од првите македонски протестантски пастори биле активно вклучени во борбата за македонско осамостојување? Во куќата на пастотрот Константин Грачанов (конгрешански пастор) се одржувале многу средби помеѓу Гоце Делчев, Јане Сандански, Никола Тодев, Јонко Вапцаров- таткото на Никола Вапцаров – поетот, член на протестантска црква.

Дали знаете дека 1873-74 година е отворена мисионерска станица во Битола? 1878 е отворено училиште за девојки, а потоа и интернат – имајте на ум, МК е сѐ уште под турска власт. Интересен е извештајот за школото од 4 јуни 1885 год.: „Запишани во таа година се 41 ученички од кои 4 американки, 4 Албанки, 3 Гркинки 3 Ромки, 2 Влаинки и 25 Македонки”.

Дали сте чуле за Мис Стон, дека била мисионерка која ги едуцирала жените во Македонија? Дека 14.500 турски лири кои се дадени за нејзиното ослободување биле финансиите кои помогнале за дигање на Илинденското востание. Интересно, таа за МК и Македонците пишува само позитивно и многу придонесува во САД да се чуе за тешкото ропство на македонскиот народ.

Дали знаете дека по Илинденското востание, Битолската мисиска станица на разни начини им помогнала на вкупно 61.500 луѓе? Било отворено и сиропиталиште за сираците од востанието, под име Esarry Orphanage. 

Дали знаете дека Павел Шатев бележи дека протестантската црковна општина во Солун им помогнала финансиски на прогонетите револуционери кога се качиле на парабродот за Фезан каде биле доживотно прогонети?

Дали знаете дека 1904 година во Солун е отворено Земјоделско индустриско улчилиште кое постои до денес (American farm school)? Дека првите 10 ученици се сираци од Илинденското востание. Дека од ова место за прв пат во МК и Балканот се донесени нови сорти жито и пченка, првиот трактор на Балканот. Во него се школувале Македонци сѐ до Балканските војни кога грчката власт забранила нивно школување.

Дали знаете дека протестантските мисионери во Париз во 1920 год. барале автономија за МК: „Господин Чарлс Крејн, милионер, заминал за Париз на своја сметка. Тој таму соработувал со мисионерите на „ABCFM“ (American Board of Commissioners for Foreign Missions), во обид да се застапува за Македонија … господин Вудроф и господин Kрејн ја потпишале истата петиција до американските мировни делегати, барајќи на Македонија да ѝ се даде автономија.”

Ете, тоа се дел од придобивките за Македонија, од протестантската реформација. Но реформацијата мора да продолжи и денс; црквата е повикана постојано да се рефоримра, да се очистува од небиблиските учења и практики, а тоа важи и за црквата во Македонија.  

(наведените информации се превземени од презентација на Павле Костадинов)