Сekoj ден е Велигден за оние кој се препородени преку Божјиот вечен Дух. Интервју со Пастор Александар Вулетиќ

Пастор Александар Вулетиќ – ХЗ Тринитас

Велигденско интервју со Пастор Александар Вулетиќ од Христијанско заедништво Тринитас …Вистинската вера е порта кон препород…

cekorvovera.com: Како ја дефинираме случката на Велигден? 

Вулетиќ: Тоа е настан кој на целото човештво му нуди Надеж дека постоењето на овој свет има смисла, а после преминот од овој живот, истиот има продолжеток и надеж во вечноста. Смртта како најголемиот и немилосрдниот непријател на човекот е конечно победена и таа веќе не е непознаница туку е само порта во остварувањата на Христовите ветувања кои се потврдени преку Неговото воскресение. Човекот живее понатаму во една многу пореална димензија каде нема ни болести, ни болки, ни разделби ни солзи… нешто што око не видело и што уво не слушнало, ниту во човечкото срце влегло тоа кое што Бог го приготвил за оние кои веруваат во Него.  

cekorvovera.com: Што дознаваме од случката на Велигден за природата на Бог? 

Вулетиќ: Преку воскресението нам ни се открива Троединот Бог (Татко, Син и Светиот Дух) како Создател, Кој длабоко е вљубен и загрижен за своето создание кое го создал според Својот лик за совршено општење со себеси, но и кое поради бунтовништво се одметнало од Бога. Преку овој „пад„ во грев започнува процесот на распаѓање (ентропија), и портите за злото се широко отворени за тоа да владее меѓу луѓето во светот. Сепак, Бог, полн со љубов и грижа изнаоѓа пат за откуп на човечкиот род и враќање во првобитната негова врска со својот Создател, преку Христовиот безгрешен живот, Неговата служба и дело, кои биле потврдено преку самото воскресение. 

cekorvovera.com: Како беше задоволена правдата на Велигден? 

Вулетиќ: Поради човековото бунтовништво против Бог и навлегувањето на гревот и смртта во светот, Бог бил принуден да скрои план за искупување на човековата падната состојба. Неговиот план бил безумен во очите на умните и мудрите, но токму преку тој безумен план Бог успеал да го поврати загубеното. Имено, бидејќи Бог е праведен и според неговата праведност човекот бил осуден на смрт, како телесна, така и духовна – вечна смрт. Со цел Неговата праведноста да биде задоволена, Тој решил да понуди брилијантна алтернатива. Таа алтернатива е Совршениот, Безгрешен Бого-човек, да ја прими таа смртна казна, за правдината на Бог Таткото да биде задоволена. Токму затоа, второто лице на Триединот Бог, Исус Христос, кој вечно постои, зема врз себе човечко тело кое послужило како жртва врз Кого казната ќе биде извршена. На крстот врз тоа тело бил осуден гревот на човештвото, како и врз Него се натовариле сите болести и проклетства. Тоа тело умрело, но не и Христовиот Дух, и според пророштвата од Стариот Завет како и според Исусовите претскажувања, Христос воскреснал на третиот ден со што се потврдуваат Исусовото дело и учење. Ова решение е за сите луѓе. Понудено им е на сите, но за жал не сите го прифаќаат по вера, но тие што ќе го прифатат наследуваат вечен живот. За жал тие што нема да го прифатат ова Божјо единствено решение ќе се вечно загубени во пеколот.

cekorvovera.com: Како Светот се промени поради Исус? 

Вулетиќ: Иако е ова огромна тема само ќе опфатам еден мал сегмент на човековата историја и преобразба на општеството воопшто. Со доаѓањето на Христос започна ширењето на Евангелието преку неговите ученици, потоа и оние кои поверуваме преку нивната мисија, станавме верници во Христа и ги гледаме плодовите на секое поле во едно општество. Тоа е нешто што продолжува. Уште во римската империја христијаните биле први кои им помагале на сираци, хендикепирани отфрлените деца и незаштитените вдовици. Историјата на хуманитарната активност лежи во библиските принципи на една нова заедница која се нарекува христијанство. Реформацијата е двигател на нови движења во светот како образованието, работната етика, моралните стандарди итн. Општества чии темели се засноваат врз библиските принципи денес се најразвиените во светот и се пожелна дестинација за младите кои бараат перспектива во својот живот. Најнапредните општества во светот во однос на образованието, културата и уметноста, правата на жените, човековите прашања, заштитата на работниците се т.н. западни земји, односно „протестантски земји„. Сето тоа произлезе од еден навидум неважен и мал настан во еден агол на светот наречен Галилеја. 

Пастор Вулетиќ со Асап Борба, Славеничка конференција – Нетворк Мисија

cekorvovera.com: Кој е вашиот коментар за вера наспроти религија? 

Вулетиќ: Религија како збор се среќава само 2 или 3 пати во Новиот Завет. Тој збор е секогаш спомнат во контекст на добри дела или помагање на сираци и вдовици. Религијата сама по себе подразбира правила на живеење според кои човекот може да се приближи или добие спасение за иден живот. Овој концепт на спасение не е библиски, туку е лажна копија и е против Божјиот план за спасение кој е откриен во Стариот и Новиот Завет. Религијата се обреди, традиции и обичаи кои се извршуваат надвор од човековото секојдневие кои не бараат нужна промена во неговиот карактер и однос спрема неговите ближни, туку е само извршување на обврска со цел да се „задоволи Божјата праведност„.

Верата се заснова врз еден однос на доверба меѓу две личности. Во Библијата тој однос на вера се манифестира меѓу човекот и Бог (Татко, Син и Свет Дух). Вистинската вера е порта кон препород на човековиот умртвен дух, кој оживува и почнува да комуницира со Божјиот дух и да живее според Божјата волја. Преку таа вера човек доживува постепена преобразба на целата негова личност, дух душа и тело, и неминовно се манифестира преку неговиот однос на љубов и прошка кон неговите ближни како и кон неговите прогонители или непријатели. Таа вера влева надеж не само за овој живот туку и за вечниот живот во Божјото царство. 

водено крштевање
Христијански лидери со поранешниот Претседател Иванов

cekorvovera.com: Како да се живее Велигден секој ден? 

Вулетиќ: Кај нас имаме една изрека: „Не е секој ден Велигден„ Точно е дека овој настан е единствен во однос на историјата, времето и локацијата, но е вечен во однос на неговата суштина. Така да можеме да кажеме и дека СЕКОЈ ден е Велигден за оние кој се препородени преку Божјиот вечен Дух, кои веруваат, Го познаваат и секојдневно комуницираат со воскреснатиот и жив Христос.

Моето мислење е дека е потребно во деновите на празнувањето на овој празник повеќе да се насочиме кон Словото, да си спомене што и зошто се случил овој настан, и што тој значи за мене лично. 

Доколку не го познаваме Воскреснатиот Христос лично и не сме во состојба да го чуеме неговиот глас како наш Пастир, тогаш сесрдно им препорачувам на сите да ја отворат Библијата, да ги читаат евангелијата со отворено срце и да побараат прошка од Исус Христос со цел да преку вера Тој се всели во Нивното срце. На тој начин Велигден ќе добие вистинска смисла и ќе донесе промена во севкупниот живот на поединецот!

Христијански собир

Александар (Саше) Вулетиќ го прифатил Господ Исус Христос како свој личен спасител во 1981 преку службата Teen Challenge во Германија. Тој потекнува од мешано семејство, татко Србин од Црна Гора, мајка Хрватка, едната баба Унгарка, а втората Македонка. За време на неговиот престој, заедно со семејството во Германија стапил во контакт со верници христијани – поранешни наркомани, но чудесно ослободени, исцелени и преобразени во живи Христови следбеници. Тој и неговата сопруга Марија дипломирале теологија на ЕТФ во Осиек, Хрватска и од 1992 се во полно-времена служба во Скопје, Македонија. Тие се запознале во Евангелско Методистичката Црква во Скопје, Македонија, а во Мај 1988 се венчале во протестантска црква во Приштина, Косово.

Во 1987 Александар и Марија евангелизираат на скопските улици каде една група на млади хипици се преобратиле. Тоа бил почетокот на првата харизматска црква во Скопје, сега позната како, Евангелска црква во Р. Македонија. Таа денес брои повеќе од 15тина локални цркви низ целата територија на Македонија.

Тие исто така беа вклучени во основање на нова локална заедница, Христијански центар 490 во 1995, која денес има повеќе од 4 локални заедници на територија на Македонија. 

А денес тој и неговата сопруга Марија се вклучени во работата на третата црква, Христијанска заедница “Тринитас”, која ја основаат во 2016 во населба Аеродром и која денес има свои простории и седиште во Карпош 4. Пастор Александар (Саше) е активно вклучен во проповедање и поучување, а работата со млади верници е една од неговите најголеми желба. Покрај обврските како пастор, Саше оди на мисионерски патувања низ Македонија и Албанија. Марија е извонреден администратор и учител. Таа ужива да поучува нови верници за темелите на христијанското верување и за Стариот Завет. Дејствуваат и преку хуманитарни проекти повеќе од 14 години преку американската хуманитарна организација Самаританска Торба. 

Тие имаат три деца, Тамара 23, Лука 16, и Наоми 14.