Да се посади чистото семе на Евангелието!

Македонија е земја во која Евангелието Христово е присутно уште од самите почетоци, од времето на апостолот Павле. Сепак, со доаѓањето на Словените на Балканот, во Македонија преовладеала нивната култура, јазик и паганска многубожечка религија, па со тоа се јавила потреба од евангелизација и христијанизација на народот кој живее во Македонија.

Климент Охридски во 9-10. век ја има најважната улога во исполнувањето на таа задача. Неверојатно голем успех е да се евангелизира, да се покрсти и христијанизира, а со тоа и да се образува, едуцира и култивира еден пагански народ, и токму од свеста дека еден народ е далеку подобро да биде христијански, отколку да остане пагански, многубожечки, неписмен и суеверен, произлегува нашата благодарност кон делото на Климент.

Сепак, делото на евангелизација и христијанизација на македонскиот народ не треба да се смета како завршено. Прво, затоа што новите генерации преку историските премрежија, под турско петвековно ропство, сиромаштија и необразованост и подоцна под доминација на едно атеистичко општество, претежно ја изгубија верата и претежно народот е или многу малку или воопшто неупатен во вистините за Христос. Второ, затоа што македонскиот народ никогаш не поминал низ процес на сериозна реформација на црквата, па многу нехристијански примеси се оставени во верата на овој народ и никогаш не се целосно прочистени преку оганот на Светиот Дух, преку крвта на Исус и преку светлината на словото Божјо, Библијата.

Таканареченото православно христијанство (кое произлегува од источната доминантно грчка традиција на христијанство) во историските процеси на своето ширење, особено во византискиот период, попримило многу примеси на грчката филозофија и култура, кои биле втемелени врз елинскиот антички пагански свет, а на нашите простори врз тоа се додадени и други примеси на словенската паганска култура, па ако врз тоа се додадат и примесите на османлискиот ислам и комунистичкиот атеизам, појасно можеме да ја разбереме сета верска конфузија на просечниот современ македонски православен верник.

Затоа велам дека задачата не е завршена. Напротив, овде има многу работа, за да се изора таа духовна нива и да се успее да се посади чистото семе на Евангелието.

На македонскиот народ му треба чистото неопогането Евангелие, чистата христијанска вера и чисто спасение на секој поединец, преку благодатното спасоносно дело на Исус Христос.

Сашо Георгиевски