Излевањето на Светиот Дух е знак дека Му припаѓаме на Бог и дека никогаш не сме сами. Интервју со: А.Дуковски

…Верата е живеење и општење со Бог… Интервју со Александар Дуковски

Cekorvovera.com Помина Велигден. Следи Духовден. Но Духовден не е само религиозен ден во годината. Како да се биде исполнет со Светиот Дух? Може ли објаснување за читателите.

мисиско патување во време на пандемија

Дуковски: Убаво прашање. Духовден или Пентакост е денот кога Светиот Дух на посебен начин се излеа врз учениците но тоа Господ се уште го прави и сака да го прави. Излевањето на Светиот Дух е знак дека Му припаѓаме на Бог и дека никогаш не сме сами. Светиот Дух е дел од Тројството и е нашиот Утешител Кој сака да ни помага и утеши во секоја наша ситуација кога Му пристапуваме со вера. Тој е лично заинтересиран за секој еден од нас и за секоја наша потреба.

Cekorvovera.com Како да се биде крстен во дарови од Светиот Дух и да се живее живот под водство од Светиот Дух.

Дуковски: Да се биде крстен во Светиот Дух и крштевање преку Светиот Дух се два различни поима опишани на различни места во Светото Писмо. Крштевањето во Духот е секогаш пропратено со зборување на нови јазици кои што служат за самоизградување кое што води во користење и на останатите дарови кои што се за општа полза. Често пати Светиот Дух ќе не упатува како да се молиме за некого или како да охрабриме некого преку даровите кои Тој ни ги дава како алатка.

водено крштевање

Cekorvovera.com Како ја објаснувате случката на Духовден или Педесетница запишана и во Библијата?

Дуковски: Светиот Дух дојде на посебен начин за да им посведочи на народите во тоа време за силните Божји дела помеѓу нив. Од тој момент настапи нова ера. Се оствари кажаното од Исус дека ќе дојде Утешител. Светиот Дух дојде да живее во христијаните, да им каже дека Царството настапи, а на нас останува заедно со Светиот Дух да го шириме и да влијаеме каде и да сме.

служба водена од Дуковски

Cekorvovera.com Вера наспроти религија! Кој е вашиот став?

Дуковски: Накратко, религијата се човечките напори и правила преку кои што сакаме да Му се приближиме на Бог. Верата е живеење и општење со Бог. Верата е живеење во отрковението дека Бог е Тој што ни се доближи на нас давајќи се преку Исус, за нас уште додека бевме Негови непријатели. Вистинската жива вера е да се живее преку идентитет (а не правила) дека сме Негови деца.

Cekorvovera.com Што е жива црква?

Дуковски: Живата Црква сме сите ние кои осознаваме што Бог направил за нас и таа порака ја пренесуваме на луѓето околу нас, бивајќи сол и светлина во општеството во кое живееме.

Акрополис, местото на кое Апостол Павле им проповедаше на атињаните за тогаш за нив Непознатиот Бог
дружење со Симон, верен брат од Црквата од Струга

Cekorvovera.com Од неодамна живеете во Швајцарија, која е една од државите каде е започната Реформацијата на Црквата. Колку се видливи придобивките во општеството таму како последица на Реформацијата?

Дуковски: Швајцарија е поделена на католици и реформирана протестантска државна црква. Што значи има доста традиција, но е и добра отскочна даска за отпочнување на нови евангелски цркви кои што за жал некои ги третираат како секти. Во однос на христијанската традиција Швајцарија во глобала има богато христијанско наследство како што е и самата химна што ја нарекуваат Псалм (текстот можете да го погледнете во целост на интернет) како и самото знаме бел Крст со црвена боја околу него (што ја означува Исусовата пролеана крв за нас). Така да, верувам дека овие работи го привлекуваат Божјиот благослов за жителите да живеат во напредок и мир. Моменталната ситуација е дека многу млади немаат духовна перспектива и заинтересирани се само за материјалното. Но би заклучил дека поради силната христијанска традиција оваа земја има потенцијал повторно да воскресне во верата во Христос.

Химна на Швајцарија
…Кога темните облаци ги опкружуваат ридовите
И сивата магла ги исполнува долините,
Ти, не си сокриен од синовите Твои.
Пробиј ја мрачнината во кој се залажуваме
Со сјајот на моќта со која не очистуваш
Тогаш ќе се почувствуваме и разбереме
Тогаш ќе се почувствуваме и разбереме
Дека Бог живее во оваа земја.
Дека Бог живее во оваа земја….

Cekorvovera.com Која е вашата молитва за Македонија? Народот тука или таму каде што сте?

Дуковски: Со сопругата често се молиме за Македонија и за Црквата таму. Се молиме за напредокот на земјата и за правдата да функционира. Секако се молиме и за македонците тука и останатите народи (Швајцарија е доста интернационална).

Cekorvovera.com За крај на ова интервју може ли да ни кажете кога Вие поверувавте и како Бог ве употребува:

Служба водена од Дуковски

Дуковски: Поверувавме во 90-те преку мисионери од Скандинавија со кои и до ден денес сме поврзани, посебно со верни од Норвешка кои што се наши сојузници во нашата мисија за Бог. Повеќе години сме дел од Христијански Центар во Скопје, а обавувавме пасторска улога во Црквата во Струга 6 години. Многупати бевме вклучени во мисиски служби во Скопје, Струга и низ Македонија. Господ пред многу години ни ја посочи Швајцарија како мисионерско поле. Отворените врати се големи и некогаш треба мудрост каде да се насочиме бидејќи потреби има многу.