Да се живее во присуство на Воскреснатиот не може да се сокрие! Интервју со Пастор Ангел Павлов

…треба да се молиме за да ја видиме раката на добриот Бог на дело… велигденско интервју со Пастор Ангел Павлов

cekorvovera.com Велигден, вистина наспроти мит! Кој е вашиот став за тоа?

Павлов: Христијанството за разлика од многу митови и суеверија се заснова на раскажување и записи од очевидци кои од прва рака раскажуваат за средбата и тоа дека го виделе или сретнале воскреснатиот Господ Исус. За разлика од традиционалните лажни верувања и приказни кои немаат никаква основа. Исус, отелотворен Бог, Кој за себе рече: Јас сум Патот, Вистината и Животот… Тој ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ, нешто што претходно го најави. Ако на суд ни требаат двајца сведоци за настан, за да се докаже вистината во Новиот Завет гледаме дека такви сведоци за вистината ги има неколку стотици. Во 1 Коринјани 15:56 пишува дека, Исус по појавувањето на Петар и апостолите, им се појави и на повеќе од 500 браќа и сестри… Дали е мит христијанството или ќе веруваме на сведоштвата и записите од неколку стотици очевидци е мое прашање за сите читатели на Чекор во вера!?

cekorvovera.com Кои пророштва од Стариот Завет беа исполнети во Велигден и потоа?

Павлов: Во псалм 16:10 кој е цитиран во Дела на Апостолите 13:35 се вели: “Зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во пеколот ниту пак, светецот Твој нема да види распаѓање.” Конкретно ова е еден од тие пророчки месијански псалми кои се обвистинуваат со воскресението. Како може ако Исус беше само човек да ги “натемпира” и изрежира настаните па и своето воскресение до детал, по неколку стотици старо заветни пророштва има за Него. Тоа само ја потврдува Библијата за ПИШАН БОЖЈИ ЗБОР, НА КОЈ МОЖЕ ДА МУ СЕ ВЕРУВА СЕКОГАШ И ЗА СЕ.

cekorvovera.com Како се отвори Вечноста преку воскресението?

Павлов: Вечноста сега по смртта и воскресението на Господ Исус ни е достапна бидејки Tој самиот тврдеше дека е Вратата и Патот и дека никој не доаѓа кај Бог Отецот (во вечноста) освен преку вера покажана и со следење на Господ Исус (запис во Јов.10:9,14:6). Најпознатиот стих во Библијата Јован 3:16 вели: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, ТУКУ ДА ИМА ВЕЧЕН ЖИВОТ. “Тоа е и живот во вечноста со вечниот Бог нели? А кој од нас не би го сакал тоа?

Водено крштевање

cekorvovera.com Што се промени во Светот поради Исус?

Павлов: Што се промени во светот поради Исус? Мнолгу од оние кои беа бизу Него и со Него по воскресението се променија. Сите апостоли (со исклучок на Јован) умреа со маченичка смрт. Дали некој би умрел за лага? Или ако не беа сигурни во она кое го проповедаа за Исус. Дали би пострадале? Денес на светот му фалат токму такви проповедници кои не само што ќе бидат близу, туку и лично ќе го познаваат и ќе бидат променети од Воскреснатиот и вечно жив Бог. Луѓе кои самите, променети ќе имаат правилна перспектива за вечноста, за овој живот па и за важноста на задачата да се раскажува за Исус на секој начин. Тешко е можно да бидеш близу до воскреснатиот Исус и да си останеш ист, ти- стариот човек, т.е. непромент. Ова нека биде прашање за размислување на сите кои себе си се нарекуваат „христијани“.

cekorvovera.com Што после Велигден?

Неделна служба

Павлов: Што после Велигден? Токму по велигден треба да се види дали дали сме имале средба со Воскреснатиот Господ Исус и колку сме со жар за оваа вистина да ја раскажуваме на сите блиски и далечни, сакани и не толку сакани.  Како што реков претходно оваа вистина за воскресението направи бум во првиот век и раст на Христијанството, а тоа е реалност насекаде, па и денес, онаму каде сето тоа не е сведено на литургија, ритуал и само приказна… Да се живее во присуството и силата на Воскреснатиот Господ не може да се сокрие.

cekorvovera.com Чекорење под водство на Светиот Дух. Што би кажале за ова?

Павлов: Му благодарам на Премудриот Бог дека има совршен план за човештвото, по тие 33-ипол години кога Господ Исус беше овде на земјата и го заврши своето дело. На педесетиот ден (педесетница) го испрати својот Свет Дух. За разлика од Господ Исус кој беше во тело и ограничен географски во едно време да биде само на едно место сега Светиот Дух не е лимитиран па може да биде и е присутен насекаде за сите кои го бараат Бога. Затоа е добро да се развива пријателството со таа трета личност од Светото Тројство. Да бидеме како нановородени христијани спремни да слушаме, но спремни и на послушност, на водството од Светиот Дух. Неговото водство, секогаш е во склад со пишаниот Божји збор – т.е Библијата. Секогаш е во склад со совеста, за добро на сите и за слава (не за срам), на Бога. Не секогаш однапред ќе го разбереме целосно, но познавајќи Го Неговиот тивок глас (како поттик) и ВЕРУВАЈЌИ МУ на крајот ќе видиме само добар резултат.

cekorvovera.com Кој е вашиот коментар за вера наспроти религија?

Со Христијански лидери при акција на поделување Нови Завети

Павлов: Денес многу луѓе се уште ги помешуваат поимите религија и вера. Религијата доаѓа од латинскиот збор Re-Legare кое значи повторно поврзување. Тоа е човековиот обид да се дојде со човечки (некогаш анти библиски) начини до Бог. 

Верата е Божјиот начин да се дојде до изгубениот човек, мост преку кој Бог доаѓа во животите на оние кои Го бараат во молитва, преку читање на Словото или преку разговор за Него или со оние кои лично го познаваат. Верата ќе направи да го прифатиме Христовото дело на крстот за нас и Неговите зборови. Таа ни дава вечен живот. Вечност која започнува овде на земјата со Него. 

Додека религијата нагласува потреба човекот да врши религиозни дела, за да „се спаси“ и да ја заработи божјата милост, без да има сигурност дали му угодил на Бога. Затоа е добро да се бараат стиховите во Библијата каде се вели „а во Христа вие…“ нешто кое ќе сведочи за нашиот нов иднтитет – верници и жители на Царството Божјо!

cekorvovera.com Која е вашата молитва за Македонија и народот тука?

Павлов: Мојата молита е од Библијата: „Дојди Господе во Македонија и помогни ни!“ Затоа што верувам дека без Него не можеме многу работи  (Тој сам рече: „Без мене не можете да направите ништо.“) Економијата пропаѓа, луѓето се преплашени од Ковид-19. Отселувањето од земјата е во огромен број бидејќи луѓето не гледаат надеж дека и овде можат со Божја помош да се променат работите и да живеат пристојно. Но токму ова очајничко време е време кога ние треба да се молиме за да ја видиме раката на добриот Бог на дело како во нашето време ги менува работите. А ТОЈ МОЖЕ И САКА! Прашање е дали ние ќе го направиме нашиот дел?

Редовна акција на делење Христијанска литература

Пастор Ангел Павлов е дете на двајца сираци. Израснат е и воспитан во патријахално семејство, но во време и систем на безбожност и атеизам. Како младинец, за себе открива дека живе грешен живот, иако „однадвор“ добар младинец и член на Сојузот на комунисти, кој има желба да го менува Светот. Првенствено чекори со помисла дека нема Бог и неговиот избор е да живее на свој начин и да дејствува и прави „како што си сака„ но внатрешниот глас не го остава на мира. 

Тој раскажува: 

Еден ден после разговор со пријатели добив покана во црква каде тие ми зборуваа за Бог. Затоа решив да  одвојам три месеци за испитување на вистината. ИМА ИЛИ НЕМА БОГ? Тоа беше и мојата прва молитва. Молитва, без многу вера која ја искажав додека бев сам дома: Боже ако те има дај ми можност да знам! Мирот и присуството кои ме прегрнаа во тој момент беа прекрасни. Почуствував дека имам некој кој е со мене. Некој, кој иако не го гледаш, не ти е страв од него. Тоа е она пријатно присуство на Бог. 

Се повеќе како што читав, се повеќе се молев. Слушав проповеди во црква. Истражував. Слушав сведоштва. Мојата вера растеше. Конечно 2-3 месеци после моето покајание на еден молитвен час слезе Светиот Дух и во присуство на пастири тој и другите од црквата биват исполнети со Свет Дух и почнувааат да зборуваат во непознати јазиици. Оттогаш го предава во молитва својот живот и бара од Господ да биде употребен за Божја слава, со целосна понизност и отвореност пред Бог, Бог да го употреби каде што сака и за кого сака.

Пастор Ангел вели: Од тој момент Бог продолжи да ме употребува во животи на луѓе скоро 30 години… и таа приказната за пријателство со Бог продолжува.

Инаку, Пастор Ангел Павлов е сопруг, родител и основач на Христијанската Црква Оаза во Македонија и пастор на ХЦ Оаза во Штип. Тој е и еден од основачите на „Млади со мисија – Македонија“. 

Пастор Ангел со семејството